НЕДА АРСЕНИЕВСКА: „Малински фото фест“ е уникат и направи културен бум!

Уредник
Се чита за 15 минути

Медиумот „фотографија“ е единствениот традиционален и „стар“  медиум кој од ден на ден добива сѐ поголемо значење и сјај. Фотографијата значи многу повеќе од слика, тоа е информација, документ, архива, историја, можност за промена на свеста, можност за делување на нештата, па дури и на општествени закони, можност за развој на туризам, и многу други нешта, затоа што она што ќе го долови објективот – тоа е за вечно!

А, љубителите на фотографиите овие денови ќе може да уживаат во неибични и содржински богати изложби, кои во Куманово и во Штип ги организира Фото клуб „Куманово“.

Неда Арсениевска, една од поистакнатите фотографки во клубот ни објаснува сѐ за овој реномиран фестивал.

 

Фото Клуб „Куманово постои подолго време и деновиве го организирате вашиот познат традиционален фото-фестивал.

– Па, токму така, ова ни е десетто јубилејно издание-колку што постои клубот, кој е здружение на граѓани, толку постои и „Малински фото фест“. Важиме за еден од најголемите и најактивните фото клубови на ниво на држава. Повеќе членови поминале или се дел од клубот, генерално најголем дел од нив се активни, a имаме и помлади членови кои што се курсисти. Во текот на годината организираме доста изложби од ваков тип, посебно драга ни е и традиционалната изложба „Жените и фотографијата“, но овој фестивал што го организираме, деновиве, ни е најголемиот настан.

Колку фотографи членуваат во вашиот клуб?

– Бројката е некаде меѓу 30 и 50 фотографи, главно членови од Куманово, но исто таа имаме и од Скопје и од другите градови.

Кој е условот за да се биде член?

– За да се биде наш член прво треба да се заврши фото школата која што е бесплатен девет месечен курс…

Девет месечен бесплатен курс? Како се покривате?

– Тој е стриктно волонтерски, од страна на нашите фотографи. Нашиот клуб навистина вложува во наредните генерации, во подмладокот и како што се обучуваат нови фотографи, откако ќе се заврши курсот тогаш имаат право да се зачленат во клубот, а, тоа се регулира со членарина на годишно ниво. Но, да, тоа е курс кој покрива од историја на фотографија, до камера опскура, до теоретски дел за фотографија, практичен цел, исто така имаме и обработка на фотографии и така навистина обуката е целосна.

Курсот го држат проверени фотографи?

– Курсот го држи Владимир Јовановски, тоа е еден од десетте највлијателни фотографи на светско ниво. Навистина е акредитиран мајстор на фотографија во повеќе светски организации. Предавањата се одржуваат во клупските простории, од октомври до јуни, по два пати неделно, обично, еден ден по друг. Првиот ден е теорија, вториот дел е пракса. Се пријавуваат голем број курсисти и сега нормално нели се одлева малку групата, но секогаш завршуваат барем десеттина успешни фотографи.

Браво, секоја чест. Досега колкумина од нив успеале да се истакнат со својата работа?

– Курсот стандардно се одржува десет години, имаше пауза само во короната. Од сите фотографи кои сме ги обучиле, ајде да кажам некаде до дваесет и пет сме навистина, навистина активни. Сите ние што сме останати во клубот, сите го имаме завршено тој курс и продолжуваме да работиме, продолжуваме да бидеме активни на конкурси и да „бркаме“ титули, да собираме поени за признанија. Веќе сме вклучени и во мрежа на фотографии.

Со таа диплома вие сте фотографи-аматери или професионалци?

– Веќе сме професионалци.

Колку е членарина на годишно ниво?

– На годишно ниво е илјада денари.

Со тие пари успева клубот да функционира?

– Па, сѐ уште немаме доволно средства за да може да се покриваме само од членарина, но секако проектите ни се финансирани најчесто од Општина Куманово или од Министерство за култура и туризам, така што генерално се покриваме. Но, волонтерскиот фактор е многу важен, затоа што најголем дел од работите што ние ги правиме се на волонтерска база. Речиси сите.

Колку лица сте во претседателство, оние кои што ги движат работите?

– Имаме претседател Марина Атанасова, имаме директор на „Малински фестивал“ тоа е Владимир Јовановски, имаме секретар Наум Цветковски, кој оваа година ќе има и самостојна изложба. Јас сум промотор за овој настан, но истото така имаме промотор на клубот, Анита Димовска (ќерка на познатиот пејач Нино Величковски н.з.). Сите членови во претседателството се трудат да бидат најактивни што можат, така што, не се чувствува некоја изразена хиерархија. Повеќе е сѐ базирано на некоја дружба.

Што сте по професија?

– Јас сум студент по психологијата, студирам во Скопје, а сум член на клубот од 2020 година.

Го правите фестивалот „Малински. Од каде такво име, што значи тоа?

– Малински всушност е првата фотографска фамилија во Македонија. Не знам од каде потекнуваат, според презимето чисто се сомневам дека се од Куманово, ама фестивалот е посветен едноставно на нив. Целта ни беше да се слави историјата на фотографијата и самиот развој, кој што преку овој фестивал и се документира.

Десет години изложби од вашите членови. Секогаш на иста локација или на различна?

– Секоја година се трудиме да правиме уникатна програма, е, сега не можеме ние да смениме нешто којзнае колку во самата таа програма, но со самиот факт дека фестивалот има започнато од група на локални фотографии ентузијасти, секоја година сѐ проширува и имаме сѐ повеќе гости од целиот Балкан, па дури и од некои земји од светот. Оваа година ќе имаме гости од Србија, Бугарија, Албанија, Грција, од Русија и од Турција, што нас ни е баш мило што можеме да прифатиме фотографи од целиот свет. Програмата од минатата година се одвива во Куманово и во Штип, пред тоа беше Куманово и во Крива Паланка, Куманово и Кратово. Една година, за петгодишнината, фестивалот беше пет дена во пет града.

Зошто Куманово секогаш е во комбинација со некој друг град? Каде е предноста на организацијата?

– Предноста на организацијата е тоа што во Куманово го имаме Културниот центар НУЦК „Трајко Прокопиев“, ја имаме Галеријата и тие ни се нас достапни за да направиме изложби од локални автори, чисто заради фактот дека публиката е кумановска и повеќе ги интересира што прават локалните автори. А, со самото тоа што фестивалот го прошируваме да биде и во Штип, го правиме да биде и поголем. Можеме да соработуваме со други клубови, со други простори, центри за култура, всушност тоа нас ни нуди еден вид на диверзитет, за да не биде монотоно. Но, патем, ние секогаш кога одиме во друг град организираме и фото- сафари на некоја локална тематика. Минатата година фотографиравме јуручки носии во јуручко село во штипско и тоа беше навистина едно мошне убаво искуство. На денот на изложбата организираме и фото-сафари на Зебрњак во Куманово, на гостите им е особено интересна таа локација. И со самото тоа всушност и ја овековечуваме културата, која што со тек на време може да се изгуби, но фотографијата секогаш ќе биде тука.

Фестивалот сега се одржува на 30 и 31 мај во Куманово, на Први јуни во Штип. 

– На 31 мај сме во Занаетчискиот дом и тука организираме изложба на наши драги пријатели соработници од фото група „Широк агол“ од Штип. Потоа прикажуваме видео проекции со галерии од фотографии од десеттина светски автори. Оваа година имаме проекции од автори и од Кина и од Русија. Продолжуваме со две големи изложби во НУЦК „Трајко Прокопиев“, првата изложба е нашата меѓуклупска изложба „Круг“ – таа веќе 11 година по ред се организира со Фото клуб „Куманово“ и уште еден друг клуб од некој друг крај од светот, каде всушност членовите на клубовите си ги мерат силите и имаме жири кое што не е припадник на ниту еден од клубовите, заради факторот на непристрасност. Тие ги оценуваат фотографиите и доделуваат награди. Другата изложба, којашто по прв пат ја одржуваме во Куманово и на „Малински фото фестивалот“, е изложбата на европската фотографска асоцијација и на нејзините најуспешни членови кои што доаѓаат од секаде од светот. Потоа продолжуваме во Галеријата во Куманово и тука имаме две изложби, од кои едната е изложбата „Тумба“, која што ја организираме секоја година за нашите членови особено за нашите курсисти и каде им се делат сертификати.

На колку места поточно годинава ќе бидете распослани?

– На четири во Куманово – во Занаетчискиот дом, Културниот дом, Галеријата и нашите клупски простории (во населбата Гоце Делчев, на улица „Тоде Думба“ број 2), мала просторија која што е многу пријатна за дружба. И во Библиотеката во Штип.

Колку дена ќе траат изложбите?

– Изложбите и проекциите ќе траат две недели и секој кој не ќе може да стигне на отворањето, може да ги погледне во следните денови.

Што преовладува како тематика?

– Нема некоја конкретна тематика. Ние сакаме да го прикажеме диверзитетот кој што го имаат фотографите, различните стилови, така што имаме од обични портрети и пејзажи кои што се класично школска фотографија, до комплетно експериментални дела, кои што се нешто што досега не е видено. Гледаме едноставно да ги славиме сите аспекти на фотографијата и да не се држиме до некој конкретен стил, затоа што фотографијата еволуира, како што еволуира човекот и општеството и целта на овој фестивал е не само да го слави тоа, туку и да го документира.

Ќе изложите и свои фото – записи?

– Неколку мои фотографии ќе бидат изложени на клупските и меѓуклупските изложби, овој пат, а на Први јуни ќе имам изложба на фотографии во Библиотеката во Штип, каде што оваа година ќе имаме прогласување на тројца најдобри мајстори на фотографија и моравме да се подготвиме и прикажеме наши фотографии, за да се здобиеме со таа титула.

Кој ја доделува титулата?

– Титулата ја доделува уметничкиот совет на Националната фото унија. Тоа тело е стационирано во Куманово, но е на ниво на целата република. Нашиот клуб е еден од членовите. Обезбедува патронажа за конкурси, организираат изложби и натпревари, но исто така, тука се кога има потреба од уметнички совет, тука се и за доделување на титули.

Значи Вие сте веќе мајстор по фотографија. Ви честитам!

– Благодарам. Од декември минатата година ја носам таа титула.

Среќна сте со овој фестивал?

– Дефинитивно. Јас сум во организација од 2022 и навистина е едно прекрасно искуство. Многу сум задоволна и секоја година учам. Покрај тоа што имам задоволство да запознавам гости кои се светски врвни фотографи, тие се исто тука како еден вид на учители. Со самата организација се учи многу и секоја година се трудам да заземам некоја нова улога, затоа што би сакала оваа традиција да продолжи.

Што значи овој фестивал за клубот и за градот, виден од Ваш агол?

– Од мој агол е навистина еден културен бум, затоа што, не само за овој град, овој настан е единствен и најголем од ваков тип на Балканот. Успеа да се прошири, успеа да расте, така што би кажала има придонесено за културна дејност во Куманово и во цела Македонија. Секоја година има нешто ново, секоја година заинтересираноста е сѐ поголема и секоја година се трудиме да го прошириме со што повеќе автори и на што повеќе локации.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

30 мај (петок) – Куманово

19:00 Занаетчиски дом | Клупска изложба на фото група Широк Агол

19:30 Занаетчиски дом | Фото проекции Слаѓана Пантелиќ (Србија), Даниела Минева (Бугарија), Виктор Трајковски (Македонија), Јавор Минчев (Бугарија), Лу Минг (Кина), (Турција), Валери Христов (Бугарија), Џихан Савран (Турција), Хулја Аричи (Турција), Константин Зајков (Бугарија), Мустафа Донмез (Турција)

 

31 мај (сабота) – Куманово

09:00 Зебрњак | Фото сесија со модели

12:00 НУЦК Трајко Прокопиев | Меѓуклупскa изложба Круг

14:00 Уметничка галерија | Самостојна изложба на Славиша Станковиќ

14:30 Уметничка галерија | Клупска изложба Тумба

18:00 Фото клуб Куманово | Самостојна изложба на Наум Цветковски

 

1 јуни (недела) – Штип

10:00 Библиотека Гоце Делчев | Мајстори на НПУМ

10:30 Околина на Штип | Фото сесија

14:00 Затворање на фестивалот

Споделете ја оваа статија