Промислениот и исплашениот

Уредник
Се чита за 5 минути

(Анализа на текст на Венко Андоновски)

Деновиве постојано слушаме дека лекарите и медицинското знаење не се доволни да се справиме со вирусот. Најчестата поплака е дека колективно немаме доволно свест за ситуацијата.

За жал, работите, како и многупати досега, се поставени на глава наместо на нозе. Никакво образование, никаква просвета не гарантира свест. Просветеноста не значи по дефиниција и просветленост на човекот.

Јас лично сум убеден дека не е свеста последица на способноста за мислење, туку мислењето е последица на свеста; мислење може да се случи само кај претходно веќе освестен човек.

Значи: прво свест, потоа мисла. И тоа здрава.

Венко Андоновски

Венко е убеден дека кокошката носи јајца. И ова „генијално“ откритие го споделува со нас. Но не ни кажува како свеста – освестува. Не ни кажува како да ја „покачиме“ свеста. Не ни кажува како да создадеме „револуционерна, национална или еколошка“ свест. Знам дека ќе ни го објасни тоа кога јајцето ќе стане кокошка. Доволно се шегував. Се надевам Венко нема да се налути. Тој е мој сограѓанин, а ние сме познат град на шегобијци.

А сега сериозно:

Суштина на свеста е мислата, но свеста не произведува мисли. Центар на свеста е разумот. Тој произведува мислење.

Што значи – да се има свест?

Да имаш свест значи нешто да се манифестира, да стане реално. Со образование, со просветеност ние, профилирајќи ја способноста за мислење, се стекнуваме со свест за мислата. И оваа нема никаква врска со освестувањето на човекот.

На пример: Националната свест се прави со демографски и културолошки промени. Постои (рационален) програм за создавање на национална свест или национален идентитет. И тој е спроведуван во текот на историјата.

Венко припаѓа на луѓето кои имаат институционална свест. И покрај тоа што е надарен писател и едуциран човек, тој нема познавање за физиката и технологијата на свеста и проширување на свесноста. Истото го докажавме и констатиравме во минатите текстови и за врвни интелектуалци кои имаат свест, но немаат свесност. И тоа е трагедијата на денешницата.

Во однос на светската популација 20-30 проценти од луѓето припаѓаат на оваа група. Главна карактеристика на овие луѓе е дека се „следбеници“ на разумот. Нивно „сидро“ е државата или црквата. Без „принципите на овие институции“ втемелени на свеста тие би биле изгубени.

Живееме во свет со кој управува разумот. Тој ја создава нашата реалност. За да ни „обезбеди“ сигурност и безбедност разумот создава рационални обрасци. Истите произведуваат илузорна реалност што ние ја нарекуваме привид. Илузијата што ја создаваат наликува на транс состојба.

Значи, рационалните обрасци се немисловни, во вид на присилни, принудни трансови. Тие произведуваат навики.

Важно е да разбереме дека, иако сме несвесни, ние сепак заземаме став. Тој рационален став, којшто е последица на мислењето, ни е патоказ и цел.

Значи:

  1. не е точно убедувањето на Венко дека мислењето е последица на свеста, туку тоа е последица на разумот; и
  2. не е точно убедувањето на Венко дека мислењето може да се случи само кај освестен човек;

И затоа науката денеска е загубена и залутана. Затоа медицината „нема знаење или тоа знаење е недоволно“. И затоа со корона вирусот човекот „Бог“, промислениот човек, си игра мајтап со исплашениот човек.

И зошто да не биде така?

Едниот се бори за комфор, другиот се бори за преживување. И двајцата се втемелени во свеста. И двајцата се производ на разумот. И двајцата ја слават реалноста создадена од разумот како единствена и безалтернативна. И „поим немаат“ дека постои друга реалност, а тоа е свесноста, која има знаење како да се справиме со корона вирусот и со сите економски и социјални проблеми.

Но зошто да менувам нешто кога „мене ми е добро“ се прашуваат и по кратко размислување ќе заклучат во еден глас и промислениот и исплашениот разумен слепец.

Горан Стевчевски Џина
М-р по психолошки науки – клиничка и советодавна психологија
Сертифициран обучувач на возрасни
Основач на S. A. V. E. (Спонтано свесно визуелно искуство) – методот на Имагинативна терапија и ЦЕНТАР ЗА ВИЗИОЛОГИЈА И ИМАГИНАТИВНА ТЕРАПИЈА

Автор на 12 книги од психолошка и духовна област

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија