Самостојна фото изложба на Наум Цветковски: Има многу табу теми поврзани со жената

Уредник
Се чита за 4 минути

Наум Цветковски  годинава, на десеттото јубилејно издание на Малински фото фестивалот го имаше своето прво самостојно излагање во уметничка фотографија.  Пред кумановската публика тој одбра да се претстави со навистина оригинални и необични фотографии. „Самостојана изложба на Наум Цветковски “, е работниот наслов, кој не ја открива атрактивноста на изборот на фотографиите. Инаку, тој е студент на Машински факултет Скопје, но оваа негова љубов кон уметничката фотографија и фотографирањето воопшто, му „датира“ од млади години.

 

Бидејќи  е десетгодишнина од Малински фестивалот, одлучив да ти поставам 10 прашања…

1. Како почна приказната, од каде оваа љубов за фотографијата?

Приказната започнува од основно училиште кога завршив курс по фотографија и таму научив дека постои и друг начин на искажување на своето јас, а да не е пишан текст или збор.

2. Каде ја наоѓаш инспирацијата? Поточно, имаш ли места кои те инспирираат, или секоја добро вклопена поза на природата и човекот е твој предизвик пред објективот?

Инспирацијата ми доаѓа од момент кога ќе видам човек кој покажува каква било емоција – дали ќе е тоа смеа, веселба, тага или плач. Но сепак, емоцијата е момент а не човек, па затоа на оваа изложба може да се види разголениот човек кој нема прекриени намери.

Symphony of the body

3. Што е тригерот за тоа што ќе избереш да сликаш – портрет, природа или делови од нешто?

Па, како што кажав, луѓето и портретот ме опишува најубаво за мојот стил на фотографирање, од тие фотографии имам најдобар „feedback“.

4. Како дојде до тоа тематски да го фотографираш женското тело?

Жената е столб на општеството, но има многу табу теми поврзани со неа и мислам дека треба да се покаже дека таа не е ништо друго освен човек.

Lost

5. Преферираш црно-бела фотографија или во боја?

Не можам да издвојам еден стил, фотографијата во боја си има своја приказна и свој шарм, фасцинација. Но црно-белата фотографија нѐ насочува за да видиме детали во општеството кои нѐ опкружуваат.

6. Што е потребно да се знае и да се има за да се направи добра фотографија?

Волја, опкружување, момент, идеа.

7. Како ја бираш темата за портретирање и кој дел од процесот на создавање на фотографијата најмногу го сакаш?

Луѓето се околу нас целодневно и не можеме да ги избегнеме портретите, па затоа подобро е да ги искористиме и да создадеме дело од нив. Фотографијата се состои од два дела: фотографирање и обработка. Едно без друго не можат, па затоа и јас не можам да се одлучам во кое повеќе уживам.

Daydreaming

8. Што повеќе те привлекува, уметничка или комерцијална фотографија?

Ниту ова не можам да го одговорам затоа што сум вклучен и во двете, и не можам да изберам. Сепак, уметничката фотографија е за искажување на својот стил, а комерцијалната е за оставање трага во семејната историја.

Laying down the stairs

9. Што ти е најтешко да фотографираш?

Кога си ја сакаш работата и уживаш во неа нема тешки моменти.

Divided

10. Кои се твоите идни планови на тема фотографија?

Засега немам планови и достигнувања кои сакам да ги постигнам, но се надевам дека ќе продолжам со исто темпо или ќе успеам да работам повеќе, но никако не сакам да застанам тука.

 

В.Т.Д.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија