„Ако веруваш во Бога постои шанса да си добар човек. Оти, христијанството шири љубов. Верата божја е љубов. Верата божја нема насилство, нема злоба, нема омраза“, ќе порача Кумановецот Љупчо Миленковски, кога зборуваме за манастирот Свети Георгиј или Свети Ѓорѓи, кој се наоѓа над селото Бељаковце.
Припаѓа под кумановска општина, на 35 километри од Куманово.
Манастирот е сместен во живописна природа која го одзема здивот, во една долина на источните падини на Мургашки Рид, а во непосредно соседство се селата Стрезовце, Клечовце, Довезенце, Мургаш, Пезово и Коњух.

Вие сте човек кој се грижи за овој манастир, оттука и пораката која ја испраќате говори за основите на православието – љубов и верба. Каде се наоѓа истиот?
– Се наоѓа во неоткриена убавина и местото не е многу познато во јавноста, затоа што е на планина. Сместен е на 650 надморска висина, сокриен длабокото во планината, тешко се наоѓа и затоа, барем досега, не е толку посетуван. Само еден земјен пат води директно до него, на пет километри од асфалтниот.

Првото раскажете ни за самото село…
– Селото Бељаковце е речиси иселено. На последниот попис варира бројка од 25 до 30 постојани жители, некои од нив постари, некои вратени во своите пензионерски денови. Селото е од расфрлан тип на повеќе маала, голем простор држи, на средина поминува Крива Река и го дели на два дела и ние го делиме на „отаде река“ и „од оваму река“. Преовладуваат стари куќи, а новите куќи покрај река се главно викендици. Манастирот се наоѓа над селото, најблиско маало е Ѓуревци, таа е некаде на еден километар раздалеченост и тука се најконцентирани куќите, по десет, петнаесет. А другите маала се од расфрлан тип, на околу 2,5 километри оддалеченост.
Од што живеело населението?
– Во поранешно време претежно живеело од сточарство и земјоделство, а сега има само неколку куќи кои чуваат овци и крупен добиток. Другите фамилии се викендаши.
Беше актуелно по споменување на возот кој води до таму.
– Пруга има, ама возот уште не врви. Таа пруга е пуштена по војната, 1945-50 година и тогаш кога ја направиле, под бугарска окупација, биле со намера да завршува во Бугарија. Користена била за двата рудника и за целото месно население од тој крај, сите функционирале преку тој воз, кој бил единствен превоз во овој крај.

Од кога датира „Свети Ѓорѓи“?
– Според некои пишувања од српски писатели и историчари, датира од 14 век, а можеби и порано. Нема сигурен запис. Но, стар манастир е. Е сега што се случувало? Со текот на времето кога дошле Османлиите, манастирот е разрушен. Разрушен е оној момент по некои кажувања, кога крал Карпош востанието го има дигнато во тој крај, токму од тој манастир. Во 1689 година е разрушен до темел и 200-300 година стои така, па во 1894 година е обновен – врз старите темели е подигната нова црква, нови конаци и други придружни објекти каде што се чувало стока. Располага со 35 до 40 хектари шума наоколу. Манастирската црква е голема некаде 12 на 10 метри, а конаците се на површина од околу 200 квадрати.
На кој начин се грижите за манастирот?
– Ние, што сме по потекло од селото, направивме Граѓанско здружение за спас на манастирот, затоа што „жив“ манастир бил некаде до кај 1970-75 година, кога фатило миграцијата и иселување од селата кон град. Тогаш немало веќе кој да го одржува. До кај 70-та година поминале еден куп монаси. Се зборува дека дури и руски монаси имало тука. Богат манастир бил, функционирал. Имало живот. Последниот поп, попот Трајче кој што е икона на тој манастир, со калуѓерките, во 70-та година кога го напушта манастирот оди и го развива паланечки манастир Свети Јоаким Осоговски и таму е закопан. Некаде во 1992 година е обновен и повторно заживува.
По што е познат како чудотворна и исцелителна моќ?
– Кога доаѓале овде патеписци запишувале дека имало некој стар човек, дедо Стамен, кој ги лечел луѓето од различни болести- кожни болести, нервни болести. Понатаму е познат како женски манастир кој помага на неплодни жени, односно жени кои подолго време немаат деца.
Кои празници се слават тука?
– Во име на црквата го славиме Свети Ѓорѓи и ја славиме Мала Богородица на 21 септември, оти во народот е прифатен како многу силен празник, празник за кој се верува дека им помага на жените да имаат деца. Некогаш доаѓале од сите села тука, во овој крај е најголем манастир, со најголем капацитет, воедно и најубав манастир.
Има она што се нарекува жива вода?
– Имало три чешми, две активни, старата чешма Света Петка и Света Недела, исто и чешмата Свети Ѓоргија, на која ѝ пресушил кладенецот.

Колку луѓе се грижите за манастирот?
– Јас и тие пет шест луѓе кои сме во Црковниот одбор сме најактивни околу собирање на средства, околу работата, дочеци на празници, сѐ што се изведува сѐ е оди преку нас. Преку мене 99 посто. Некој што ќе сака да отиде да го одведам прв пат, па ќе види каква убавина е, или ќе сака да помогне …
Само Вие може да отворите таму?
– Моментално да. И еден човек од селото, се вика Вучијано Пешевски, тој живее во тоа Ѓуревско маало.
Фреските, дали се во добра состојба или е потребна реставрација?
– Манастирот внатре е целиот со фрески. Првите се направени од тогашните мајстори кого го граделе пред 120 години, тие први ја имаат фрескоживописано куполата. А страничните ѕидови во 1937 година ги има цртано Трајко Муфтински, првиот академски кумановски сликар и зограф. Дел се оштетени, ама се во добра состојба. Од Републички завод за заштита на споменици ќе побараме да ни овозможат реставрација.
Државата помага нешто?
– Ништо, ништо.
Ќе го пријавите како објект од важно значење?
– Да, да, знаат, имаат доаѓано од Министерство за култура и туризам, од Завод за култура нѐ имаат посетувано, меѓутоа досега ниту црквата, ниту држава, ниту па Заводот нема вложувано. Сѐ е препуштено на нас и на наша лична иницијатива. Надворешната фасада е обновена 2001 година од нашите претходници во Одборот и од луѓето од селото.
Дали таа духовна моќ што ја споменувате се чувствува кога ќе одиш таму?
– Секој еден посетител што дошол лично ја почувствувано и ми има кажано дека на многу луѓе им помогнал Свети Ѓорѓи во некои животни желби, во бизниси. Божја сила.

Кога славите празник како го славите, со какво славје, молитва, литургија?
– Си доаѓа поп и се изведуваат сите црковни адети. Зависно од тоа во кој ден се паѓа празникот, ако е во среда или петок се посни денови, со посно гравче, риба, салатичка, сокче, додека, кога е мрсен имаме јагнешко. И, бираме кумство секоја година.
Како го бирате кумството?
– Кумството си е доброволно. Се пријавуваат самите, кој има желба да дојде, да се помоли да му помогне Свети Ѓорѓи, некој за здравје, некој за фамилија, за семејство, за бизниси. Дали ќе е еден, двајца, тројца, петмина кумови, колку ќе се пријават, толку. И потоа тие се групираат за да дадат ручек.
За да се биде кум треба да се има корени од местото?
– Не. Ние можеби сме ретките каде кумството е доброволно. Јас тоа го имам поставено на едно високо духовно ниво. Не сум тој фактор што може да одлучува кој да биде кум. Кого Господ ќе го испрати, кој има желба, тој ќе си биде…Јас таму сум само еден обичен човек кој помага, ниту сум над другите, ниту сум под другите. Секој кој е верник може да дојде да се пријави. Сега кум ни е Македонец кој живее во Белград. Пред две години кумот, десет години во брак немаше деца, откако стана кум доби две близначиња. И не е тоа единствен случај. Затоа велам, има примери колку е силно местово и колку има моќ. Е, сега науката си тврди по свое, ние по свое толкување.
Од вечер се слави или дента?
– Мала Богородица се слави од вечер со спиење, со народен собир, со општонародна веселба, со вечера, со ручек и има по 300 – 400 луѓе. Многу силно, многу посетено место е. Сега ги анимираме луѓето и кругот се шири. Утредента кога се бира кумството задолжително има ручек од кумовите. Ако нема кумови, ние од црковниот одбор поставуваме ручек. Манастирски ручек задолжително мора да има- гравче мора да има, тоа е строго правило.
Конаците дали се функционални?
– Имаме конаци со осум соби за спиење и две соби за дочек на гости, има и купатила. Тие се во склоп на конакот. Од старо време. Сѐ е камено. Ние само одржуваме, реновираме, додаваме тераси за да го разубавиме. И соларна имаме. Имаме и стар дел долу, тоа исто биле конаци. Така се граделе порано, за одоздола да живее стоката, а одозгора да живеат верските лица кои се грижеле и кои седеле во манастирите.

На кој начин е изграден манастирот, постојат некакви преданија? Бидејќи да се носат камења нагоре не е лесно.
– Она што јас го имам прочитано од книги од наши археолози и кустоси, каменот е од тој крај, таканаречен корнишор-камен, сигурно и тука е резбан. Манастирот е убава градба, цврста градба, камена градба со делкан и резбан камен и навистина остава силен впечаток на оној кој прв пат доаѓа да го види. Има записи дека некоја фамилија биле иницијатори за обнова на манастирот и сите луѓе околу помагале, како јас сега што собирам донации од повеќе луѓе. Е тука имаме уште една огромна црква во селото, Свети Никола. Таа е гробна црква. Исто е стара. Таа е црква, ова е манастир. По тоа се разликуваат. Манастир е во планина, а црквите се во село.
Многу високо е изграден, сигурно го правеле да се заштитат од Османлиите?
– Има преданија дека кога го граделе ги лажеле дека прават трло за овци. Оти непристапен е пределов и тешко се наоѓа и успеале да го изградат во таква форма каква што е. И долго луѓево не знаеле за него. Во 50-тите години бил користен како детско одморалиште, но поради некои партиски одлуки во тоа време, не продолжува тука, туку во манастирот Матејче прават излетничко место за деца. Ние сега полека со помош на интернетов го промовираме. Имаме и фб страница Бељаковски манастир.
Може да се рече дека е најстар манастир во тој регион?
Патот што води сега по Крива Река е докажано дека е римски пат за кон Кратово и натаму. Бил корисен пат. А неодамна имаат откриено наоѓалиште на стари градби во село Коњух, кои по кажувања на археолозите се од римско време, некаде од први, втори век. И, дека наводно таму по течението на реката Пчиња, на Бислимска клисура, има планинарски патеки и таму кумановски археолози откриеле Римска црква, некаде од трети, четврти век. Патот е познат како трговски пат од Римско време од тука го поврзуваме со реонот што е кон Бељаковце, кон Кратово- Кратово како најстар град речиси во цела Европа, златарски град, каде се копало и износувало злато. Значи во тоа време луѓе живееле на овие простори. Но, црквите кои се пронајдени од тоа време 90 отсто се христијански. Македонија брзо го прима христијанството. По тие цркви се гледа дека ние брзо сме прифатиле дека сме христијанизирани. Тоа се неспорни факти. Ова е еден од најстарите манастири.

Се чувствувате духовно помоќен откако сте вклучен во грижата за истиот?
– Јас лично сум крстен овде, моите претци, татко дедовци помагале во манастирот. Чувствувам дека Господ ми помага во животот. Ми дал сѐ што сум посакал. И сега на некој начин сакам да му се оддолжам со тоа што одам таму секогаш кога сум слободен, работам, организирам, давам колку можам со фамилија.
Инаку што сте по професија?
– Јас сум пензиониран инспектор од МВР. А овде сум одржувач и домаќин.
Под која епархија спаѓа?
– Кумановско- осоговска епархија…
Зошто дури сега решивте да го извадите на виделина манастирот и неговата приказна?
– И тоа е божја волја. Ете и јас никогаш не сум планирал дека таму ќе бидам и покрај тоа што имам ниви и имот наоколу. Сѐ ова е божја волја, ниту сум планирал дека таму ќе завршам, ниту сум размислувал. Ама нешто ете ме привлекува и ми прави задоволство. Едноставно ми дава повеќе енергија и повеќе сила да издржам и да истраам. Таму се чувствувам како во рај.
Спиете понекогаш?
– Да, да, редовно.
Струја има?
– Струјата е донесена во 2001 година, кога фаќа тој бран на електрификација на Македонија. А инаку претходно си било на газиени ламби.
Можеби е лично прашање, пред да станете фанатичен посветеник, дали сте имале некаква продуховена визија, обично за такви места луѓето знаат да ги врзат и некои сонови во кои веруваат.
– Кај мене тоа само дојде спонтано, не планирајќи. Работите дојдоа следствено едно по друго. “Ајде да направиме Здружение, ајде ова ајде она” и потоа одеднаш ми дојде она енергија да се посветам со целото тело и интелектуално.
Вашето семејство Ве подржува?
– Да, да, сопругата, синот…
Го посетуваат?
– Да секако, им дава здравје и успех на сите. На син ми секаде Господ му отвори пат. Беше во Америка се врати, заврши факултет, му оди.

Мислите дека од тие вибрации таму?
– Јас сум убеден. Оти, да тргнеш од едно село, како татко ми, со десет прсти и со една вилушка и да дојдеш во Куманово, човек необразован, да изведе на пат деца, мене, сестра ми, да завршам факултет, да бидам почитуван граѓанин во општеството, инспектор, кандидат за Совет, кандидат за началник на полиција, и сето тоа е некоја божја промисла. И сето тоа без овие денешни ургенции, пријатели, врски, шеми, затоа што татко ми и мајка ми беа обични работници. Мајка ми е од Страцин, а татко ми е староседелец од Бељаковце. Тоа е мое лично убедување. Инаку на крај, секој за себе знае дали верува или не верува. Колку повеќе веруваш, докажано е дека моќта е голема. А има и зошто, сум очевидец на некакви настани. Сега луѓето се посветени на пари и на шеги, на верата сѐ послабо. Тоа не е добро. Со БОГ нема шега, нема играчка. Така што, треба да си верник за да доживееш нешто. Сите сме од крв и месо. Ако веруваш во Бога постои шанса да си добар човек. Оти, нели христијанството шири љубов. Верата божја е љубов. Тоа е поентата!
Валентина Ѓоргиевска Парго
