ДАРКО ТОДОРОВСКИ: Се гледам себе си на сцената на Евровизија, а околу мене македонски знамиња! 

Уредник
Се чита за 18 минути

Кумановец, а граѓанин на светот. Се образува и прави концерти на разни меридијани, пее фантастично, изгледа светски, зборува седум светски јазици. Секаде е слеан со трендовите на големите метрополи, а со срцето и мислите е во својот роден град.  

Извонредниот Дарко Тодоровски!

Пејач кој неодамна ги разгали своите сограѓани со мајскиот концерт „Ехото на Македонија“ во Занаетчиски Дом.

 

Честитки за успешниот концерт, да се множат Ви посакувам! 

– Дај Боже, дај Боже. Да се множат концерти и во поголеми сали.

Многу стасито, убаво, на ниво.

– Јас секогаш сум се трудел да биде така, макар и пред помалку луѓе и музички и визуелно и од сите гледни точки да бидат максимално постигнати сите високи квалитети.

Се гледа дека целите кон многу висок квалитет и високи критериуми и мило ми е што ќе Ве претставам преку ова интервју. Прво да Ве прашам, заминавте за Атина веднаш по концертот. Каде живеете, деновиве ќе бидам таму, може да пиеме кафе во грчка таверна… 

– Северно од Атина. Но не во Кифисиа, најбогатиот кварт, туку во Неа Филаделфија, кадешто е најголемиот парк- островче и каде и во најголемата жега имаме привилегија да дувне малку ветерче и да нѐ освежи и да е многу пријатно.

Еден светски изграден млад уметник на 16 мај ги почести своите сограѓани со нешто коешто имаше елегантен концепт- забавни евергрини и етно теми, изведени во придружба на исто така врвен млад пијанист, Јован Цветковиќ и сето тоа се претвори во грст комплименти. Сигурна сум дека Вашите импресии се на иста бранова должина со реакцијата на публиката. 

– Во мојот живот никогаш ништо не е случајно, така ни овој концерт. Многу одамна имав намера да изведам ваква музика и чекав да се случи вистински момент. Неколку пати пробував да го направам, но не ми се посреќи. На мојот новогодишен концерт, пред неколку месеци, во истата сала напоменав дека многу би сакал да се случи ваков концерт и одеднаш одекнаа големи овации од публиката и тоа ми беше знак дека мора да се вратам и на истата публика да им го дадам и тој дел од мојата љубов кон народната, кон македонската песна. Сосема случајно во тој период почнавме да комуницираме со Јован. Седнавме на кафе и му кажав што замислувам, Јован ентузијастички прифати. А познавајќи го него како музичар и џез пијанист, знаев дека тој го има „алатот“ за тоа како јас сакам да звучи сето тоа. Односно, да ја „скршиме“ и да ја „разбиеме“ формулата дека секоја една македонска песна треба да звучи свадбарски, како за веселба… Затоа се потрудивме секоја од тие изворни песни да зазвучи буквално како едно ехо, доста проѕирно, провидно, да се даде акцент на мелодијата и на текстот пред сѐ.

Во кој дел Јован Ви помогна најмногу со својата професионалност? 

– Јован на секоја проба ми кажуваше „Даре, секоја песна мора да има различен карактер. Секоја строфа да има различен карактер“. Јас му кажував за тоа дека е реткост во денешно време пејачите да ја земат песната во рака, да го земат текстот, да го прочитаат и да разберат дека една песна внатре има многугодишна историја и дека една песна има толку случки, толку емоции, што мора да се изведе со полна душа.

Вие го направивте изборот на репертоарот?

– Јас лично го правев изборот на репертоарот, од македонски евергрини и познати етно песни. Нормално, бевме во комуникација и Јован беше секогаш согласен со моите идеи. Но, за жал моравме да се ограничиме на 90 минути музика. Репертоарот беше речиси двојно поголем,  останаа неизведени уште десеттина песни, ден пред концертот решивме да ги тргнеме. Имавме репертоар за три часа.

Тоа е уште еден концерт, по „Ехото на Македонија може и „Ехото на Македонија 2. Ќе го реализирате во иднина?

– Мислам дека ќе се реализира на поинаков начин, сите тие песни да бидат пренесени на носач на звук. Да бидат снимени, онака како што беа замислени од моја и од страната на Јован, за да останат изведени и сочувани за нас, за нашата историја, за сите оние љубители на македонската пред сѐ историја, затоа песните раскажуваат историја. Ние се трудевме да раскажеме историја, не само да ги отпееме „Зајди, зајди“ и „Јано мори“. Толку многу пејачи ги отпеаја, а јас сакав преку песната да раскажам што се случувало, всушност.

Новогодишниот концерт какви песни содржеше?

– Тоа беше класичен американски џез и познати мелодии кои што ги пее целиот свет за божиќните и новогодишни празници. Песни од Елвис Присли, Френк Синатра, Дин Мартин, Енди Вилијамс, тоа се тие творци и основачи на тој правец, тоа се тие евергрини од шеесеттите години…

Познато е дека имате учено во Москва. Во кој период се одвиваше Вашето студирање?

– Јас заминав да студирам во Москва од 2014 до 2020 година, точно до почетокот на пандемијата. Претходно на натпревар за руска песна, „Романсијада“, од Македонија поминав во втор круг во Бугарија, од Бугарија поминав во финалето во Москва и од Москва поминав во големото финале, каде ме слушнаа жири комисија од многу високи еминентни музичари и национални уметници на Русија и ми предложија да студирам таму. Не само што ми предложија туку и ми дадоа и стипендија. Студирав пет години со стипендија од Руската Федерација, апсолутно бесплатно како руски државјанин. Завршив со црвена диплома. Тие ги делат дипломите на црвена и сина- црвената ја земаат само одличните студенти.

Учевте класика?

– Да. И до ден денеска тоа е мојата примарна насока, оперското пеење. Тоа завршив и во Средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ и на Музичката академија во Скопје и потоа неколку години работев во Македонската операта и балет. Вториот степен на студии го завршив во Москва, магистратура и докторат.

Светот на дланка, според успесиве кои сте ги направиле. Што се случуваше во Москва, имавте настапи, концерти или само едукација? Кој беше клучниот момент од Вашиот престој и студирање таму?

– Прво јас сум искрено благодарен и среќен што одбрав да биде тоа Русија, односно што Русија ме одбра мене. И што не беше Европа таа која ме образуваше, затоа што во Русија сѐ уште е задржано јадрото на доброто образование, јадрото на комплетното образование на еден музичар. И тука тесно се надоврзува и „приказната“ со Јован, зошто баш така  ги интерпретирав песните. Затоа што во Русија така нѐ учеа- еден пејач апсолутно мора една песна да ја обработи од технички, текстуален аспект и да го протолкува текстот. За време на моите студии во Москва настапував многу, многу често. Бев вработен и како солист на театарот „Сперански“ и пет години настапував со главни улоги. Паралелно со студирањето во Москва го пропатував целиот свет, имав солистички концерти во Њујорк, бев под договор со театар во Италија и секое лето имав договор да отпеам три претстави таму, во мал град кој се вика Чита дела пјеве. Бев дел од еден многу голем и многу убав интернационален проект, каде секој уметник беше од различна држава. Настапував и во Шпанија, затоа што имав и еден ментор менаџер кој постојано нѐ повикуваше, ни организираше концерти во Валенсија. А за време на моите студии во Москва во просек неделно имав по еден концерт.

Солистички?

– Секогаш! Солистички не во смисла да не е со хор, туку секогаш соло настапи во придружба на инструмент, или на оркестар или на сцена со друга група на пејачи, рецитал, еден пејач пее едно, две, три дела, па се враќаш ти на сцена, па пеете дуети, ама секогаш имав соло изведби.

Зошто Македонија недоволно знае за Вас?

– Многу млад заминав од Македонија. И за тие шест години во Русија некако луѓето  ме подзаборавија. По Русија се преселив во Атина и речиси десет години како сум комплетно надвор од Македонија. Се  враќам, ама се враќам на неколку дена или само колку да направам концерт.

Како се случи патот да Ве одведе во Атина?

– Москва ме врза со Атина. Ја сакав Москва, ја сакам и до ден денес, и Русија ја сакам, ама секогаш сакав да се вратам на топло, „т’га за југ“… Секогаш ја имав тагата за југ и сакав да се вратам на нашите краишта, на Балканот, блиску до моите. Јас сум многу поврзан со моето семејство, со моите родители, со мојата сестра. Не сакав младите години да ми поминуваат без да ги гледам нив. Како велат „Посакај и внимавај што посакуваш, зашто се остварува“. И се случи да дојдам во Атина.

Што работите во Атина?

– Во Атина работам нешто сосема друго, поврзано со комуникација со луѓе и патувања. За моја голема среќа патувам за Москва, Њујорк, Копенхаген, Дизелдорф, Париз и Мадрид два пати годишно. Тоа е нешто кое што ја држи мојата финансиска стабилност. А паралелно јас ја одржувам музиката, натстапувам и во Атина и во Македонија, а здравје Боже во септември ќе имам концерт и во Москва.

Каде настапувате во грчката метропола?

– На разни места, на разни настани.

Во клубови?

– Не никогаш не сум настапувал во клубови. Мојот концепт е поинаков, не сум сакал да изведувам музика на место каде што луѓето се дојдени за храна и пијалок. Или тоа е музеј, или е настан или е галерија. Никогаш не сум сакал моето музицирање и изведба да бидат заднина. Секогаш сум се стремел тоа што го имам, тоа што го носам, подготвено со многу образование  и во кое имам многу вложено, да биде и соодветно презентирано. Можеби само требало повеќе да се етаблирам во Македонија. Но, кога и да направам концерт сакам да им подарам на луѓето музика и уметност и тоа го правам на вистински начин.

Го владеете грчкиот јазик?

– Грчкиот ми е веќе втор мајчин јазик. И седми по ред. Веќе седум јазици зборувам течно, мали корени влечам од Србија и српскиот го зборувам како „втор мајчин“, потоа грчки, англиски, италијанскиот и шпанскиот ги користам секојдневно, а рускиот ми е втор мајчин. Кога ќе кажам „втор мајчин“ мене сите ми се „втор мајчин“, затоа што во Русија живеев пет години, работев и предавав. Во Грција еве четири години комуницирам, водам и свое шоу се појавувам и на телевизија и давам интервјуа и овде.

Како е да се биде Кумановец, а граѓанин на светот?

-„Дааа. Ја сам си Кумановец многу горд Кумановец“. Не бесцелно речиси секое мое враќање правам концерти во Куманово. Јас и во Москва велев дека сум си Македонец во душа и моите солистички концерти секогаш ги завршував со македонска народна песна. Секогаш. И дури тоа и го очекуваа од мене. А како е да си Кумановец? Јас сум само јас и доста автентичен и затоа таа моја приказна на сите им е многу интересна, да си дете од едно мало гратче за кое што надвор од Македонија и надвор од Балкан ретко кој слушнал, ама секогаш им раскажувам како е Куманово, па кажувам како е во зима, како е во лето. Им  раскажувам приказни за духот на нашето Куманово. Верувам дека има една посебна енергија, посебна душа тој град и затоа секогаш се враќам со многу возбуда и до ден денес се радувам како мало детенце, затоа што јас таму израснав. Куманово е мој град, јас сум негов.

Роден под среќна ѕвезда, патот Ве води на среќни места, исполнет со среќни моменти. Вашите како го доживуваат сето ова што Ви се случува?

– На почетокот јас учев од моите родители, сега моите родители учат од мене. Односно јас ги учам нив како низ животот. Прво, се чувствувам многу благословено што сум роден под среќна ѕвезда и не го заборавам тоа во ниту еден момент. Бескрајно сум благодарен затоа што сѐ во животот ми тече како подмачкано, фала му на Господ. И ете како што рековте вие, можеби не ме знае Македонија многу, ама и да не се знае во Македонија за мене, не е најголемата трагедија која се случила. Секогаш ги прифаќам шансите во животот со широки гради и отворени раце, можеби затоа имам чувство дека сум роден под среќна ѕвезда. А моите? Секако, родители како родители, секој родител безусловно го сака своето дете. Таа љубов е неизмерна, таа е најголемата љубов која постои.

Горди се со Вашите успеси?

– Апсолутно. Апсолутно горди. Јас со мајка ми комуницирам минимум еднаш секој ден, два пати ни е некоја нормала. И секоја една ситница ми ја раскажува „Денеска бев таму и таму и ми рекоа – ааа ние го следиме Даре, го слушаме, му бевме на концерт. Вие сте му мајка? Да!“. Мајка ми се гордее, со насолзени очи ги раскажува тие приказни. Еве години, години се поминати, имало многу такви ситуации, ама уште се гордее со ист жар и кажува дека е прегорда мајка.

Вашата цел воопшто во дејноста која ја работите, дали Ви е прецизирана и дефинирана, или оставете самиот живот да Ве води?

– Секогаш имам прецизирано и дефинирано замисла за себе си. Ако животот реши да ме води малку поинаку, можеби тоа е за мое подобро и затоа секогаш ги прифаќам шансите, затоа што едно е да посакуваш и да ги манифестираш своите желби, а друго е Господ да ти даде нешто што е уште подобро од она што ти го имаш во својата глава. Секогаш сум замислувал и мечтаел апсолутно целиот свет и Планетава да чуе за моето име и за моето музицирање, пред сѐ затоа што гледам околу мене дека музичарите веќе не пеат со душа. И затоа сакам да ја задржам таа автентичност во себе и по тоа да ме дознае целиот свет. Ама еве засега тоа не се има исполнето, ама сум во апсолутен мир. И да не да исполни никогаш пак ќе бидам најсреќниот човек на светот, само затоа што верувајте ми- сум музицирал пред моите Кумановчани.

Многу сте млад, има време. Евровизија е една од местата кој тој сон може да го претвори во реалност, тоа е најгледаното шоу на Планетава.

– Евровизија! Откако памтам за себе секоја Евровизија ја гледам и се замислувам како застанувам на таа сцена и околу мене и под мене ме поддржуваат обожаватели кои веат македонски знамиња. И да ја претставам еднаш засекогаш и да се впечати тоа во историјата на таа наша Македонија, затоа што верувам дека би ја претставил квалитетно, а Македонија би се гордеела. Јас заминав и ја напуштив Македонија само затоа што чувствував дека немаше место за мене таму, но не значи дека ја заборавив и дека ја отцепив од моето срце. Не! Затоа сакам да отидам на Евровизија и да ја претставам Македонија, да ѝ покажам дека ја сакам и дека има со што да се гордее. Се надевам еден ден ќе се исполни тоа…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија