Еден интересен бенд со специфичен музички концепт на 14 јуни, на Аџитепе, во рамките на вториот ден на „Беарс мото рок фест 2025“, ќе ја има својата прва средба со кумановската алијас македонската публика – „Стрингси“ од Бања Лука.
Моторџиска атмосфера и фестивал, благодарение на мото клубот „Мечки“, добра голтка, широк простор, слобода, дружење и убава програма во која ќе ве има и вас, по прв пат овде.
– Така е. Да, прв пат ќе сме во Македонија за да свириме.
Тоа е убава шанса домаќините да ве нагостат уште подобро и да се покажат во што подобро светло.
– Благодарам. Благодарам. Јас неколку пати бев во Македонија и секогаш ми беше супер. Луѓето се предобри.
Благодарам и јас. Вие доаѓате од мојата омилена Бања Лука и поради „кредитот“ што го остави кај мене, не можам, а да не се пофалам дека секое лето ме покануваа и доаѓав на познатиот „Демофест“.
– За жал го нема веќе, но драго ми е што сте биле.

Од кога постои Вашиот бенд?
– Официјално „Стрингси“ постои од 2017,тоа се, за некој месец 8 полни години. „Стрингси“ тргнаа како акустик – двојка, па потоа како акустик – трио, за да на крај прерасне во акустик трио со три гитари и два вокали… А, едно време ставивме и туба како инструмент. Нашиот колега тубист, Александар Балабан, свиреше со Емир Кустурица и неговиот „Нон смокинг оркестра“ и три години беше на турнеја со нив. Тогаш кога ја ставивме тубата, тоа поприлично нагло ни сврти некои работи, но и ни затвори некои простори, затоа што звучевме малку во „народњачки“ ритам, па влеговме во она што се вели „унца, унца“. Тогаш го ставивме името „Стрингси акустик оркестра“ и дури и синот на Емир, Стрибор Кустурица, свиреше со нас на една свирка. Тој свиреше електрични перкусии. Под стек на околности беше во Бања Лука некое извесно време и се знаеја со момчето што свиреше туба. Меѓутоа многу брзо замина, во тој период со екипа од Португалија снимаа музика за некој филм, на Емир мислам.
Што понатаму се случуваше со бендот?
– Е потоа ние ставивме хармоника, ја направивме таа некоја фора која е веќе видена по светот и овде, но се вклопи во нашата акустична приказна. Отприлика тие се тие некои почетоци на „Стрингс“. Потоа сѐ се сврти во наша корист, сѐ повеќе и повеќе почнаа да нѐ бараат да излегуваме на големи бини и тогаш ја тргнавме тубата и ја заменивме со бас гитара. Воведовме тапан и хармоника, така што сега веќе зазвучи панк, хеви, рок но со хармоника.
Интересен концепт.
– На овие простори отприлика ги направивме тие зачетоци на оваа приказна. Секако ги имаме и колегите од „Дубиоза колектив“, но тие повеќе се со саксофон и малку внесуваат и дигитална приказна. Ние останавме со традиционални класични инструменти и хармоника, немаме многу искуство со дигиталии, со некои лупови, матрици, со тоа и не работиме.
Што би правеле ние Балканците без хармоника, не оди…
– Ха ха. Тоа ни е некако препознатливо. Со хармониката ќе имате прилика да слушнете еден вид на џипси хеви – панк, не знам како да го наречам. Ви кажувам, од друга страна ни направи одреден проблем. Знаете какви се луѓето кај нас? Кога се во јавност, се поделени. „Вау, ма каква хармоника?“ и тогаш губевме некои клубови, под наводници рок клубови… Меѓутоа ни се отворија други места, така што на крај почнаа сите да нѐ прифаќаат. Овде луѓето генерално бегаат од своите инструменти, од своето наследство, јас не знам зошто тоа би го правеле ние? Е, тогаш нас ни се отвори една ситуација за која ни сам не верував дека ќе се случи- бидејќи мојата кариера повеќе е хеви рок, пред десет години некој да ми зборуваше дека со бенд кој има хармоника годишно ќе свирам дваесеттина моторијади, јас не би верувал. Но, ете, некако сѐ се намести во таа насока и супер е. Свиревме буквално во сите градови на поголемите моторијади, во Република Српска, Босна и Херцеговина, во Хрватска, во Србија. Во Бања Лука на Мотофестот, кој е огромна приказна, сме присутни веќе неколку години. Годишно работиме преку 70 – 80 свирки, што навистина не е малку за таков бенд.
Колку отприлика трае вашата програма?
– Траењето на шоу програмата е некои три до три часа и половина и во тој опус се собираат некаде стотина, стотина и педесет песни, но постојано се додава и менува. Каверите од AC/DC, „Мегадет“, „Квин“ и други, ги обработивме во тој фазон со хармоника и ги поставивме на Јутјуб.
Во време на короната објавивте спот за песната „Боље сутра“, реализирано во соработка со пријатели од преку 40 земји од светот, а потоа продолживме со репродукција на светски хитови, ваши сѐ уште немате. Зошто?
– Внимавајте, ние сме бенд кој наскоро влегува во студио да сними три свои авторски песни. Постојано нешто бегавме од тоа. Нашиот пејач Дражен Поздеровиќ наречен Оскар е извонреден текстописец и автор. Пишуваше за многу бањалучки бендови. Тој е автор на нашите песни, околу аранжманите ќе се позанимава бендот малку повеќе. Ќе биде изненадување, затоа што луѓето не очекуваат таква песна од нас. Нека се стрпат до септември октомври, па ќе слушнат.

Вие сте и професор по музика, сосема ангажиран на сите страни.
– Свирам од својата петта година. Завршив музичко училиште. Свирев со многу бендови, во 2001 година бев на турнеја со Елвис Џи. Куртовиќ во 12 градови по Србија. Држам студио веќе 15 години и знаете како оди тоа, се соработува со маса луѓе. Веќе четврта година како работам во модерно музичко училиште „MMS London Rockschool Bosna i Hercegovina“, бидејќи имаме лиценца и за тоа од Лондон. Предавам гитара и бас.
Кои се членови на бендот?
– На тапани е Дамир Смајиќ, на бас гитара е Немања Чордиќ Чорда, на хармоника свири Озрен Ози Миодраговиќ, кој исто така е професор и работи во Средното државно музичко училиште. Тоа се луѓе со Академија. Јас, Марио Маркез Златиниќ, свирам гитара, а Дражен Оскар Поздеровиќ е вокал и автор на песните кои ќе следуваат.
На која возраст сте?
– Па тука сме некаде. Хармоникашот е најмлад тој има 37/38 години, ние сме од 47 до 52.
Значи фативте од златно време на ју естрада кое сигурно ви е и некоја основа.
– Така е!
Бања Лука има силна музичка традиција, актуелна сцена и извонредни фестивали. Една година кумановскиот електроарт – бенд „Ки“ влезе во финалето и остави одличен впечаток на вашиот најпрестижен „Демо фест“, кој своевремено дури два пати на светско ниво доби награди, за најсрдечен фестивал и за најдобар фестивал во Европа за млади бендови. Како се чувствувате во град во кој живее музиката?
– Извонредно. Бања Лука навистина има традиција, еве вие имавте среќа и прилика да бидете на „Демофест“ каде видовте како тоа изгледа… Видовте дека оние „мали” демо бендови кои немаат ни свои авторски песни имаа шанса да добијат третман на ѕвезди, да имаат хотел, водич, сѐ тоа организирано и јас сум горд на „Демофест“. Меѓутоа за жал го нема поради одредени причини, но се надевам дека повторно ќе се врати. Во Бања Лука буквално од крајот на мај, кога почнува „Мотофестот“, секој викенд има некој фестивал на тврдината Кастел и тоа трае до септември- октомври. Секој викенд има некој провод, дали се светски, дали се европски, дали се локо бендови или фестивали, навистина е речиси „невозможно“. Во друг град не се случува такво нешто на тоа ниво. И, доаѓаат огромна бројка на туристи цело лето. Тоа е посебно добро и за „клинците“, имаат прилика да гледаат „сериозни фаци“ од музиката и од другите уметнички бранши, така што, тоа е супер да им се искристализира и да се профилира нивниот живот врзан за било каква уметност, а посебно за музиката.

Знаете која е мојата изрека кога доаѓав? „Наместо под сенка во Грција, ти во јули среде таа горештина одиш во Бања Лука…“. Јас им објаснував: „Откога ја запознав Бања Лука и бањалучката сцена, пешки би отишла само едно кафе да испијам и да се вратам, ако треба“.
– Хахаха. Ви благодарам многу на тоа. Се надевам бевме добри домаќини.
Супер и сега се надевам дека тој дух ќе ни го пренесете и во Куманово, затоа што и ова е град со рок традиција, а овој моторџиски фестивал го прават луѓе со многу ентузијазам, така што мислам дека ќе се спојат две сродни и вистински аури – вашата и нивната!
– Сигурно дека ќе е така. Ќе тргнеме и еден ден порано, сепак поради сообраќајот. Сега е време на годишни одмори, за да не доцниме. На тој фестивал свиреа нашите другари од бендот „Рок ко фол“, ги гледав нивните снимки. Навистина буквално едвај чекаме да стигнеме. „Живи били, па се видимо“…
Валентина Ѓоргиевска Парго
