„RIFF” – ТАТКО И СИНОВИ НА „БЕАР МОТО ФЕСТ 2025″:  Интересно е кога настапуваме заедно!

Уредник
Се чита за 4 минути

Рок бендот „Riff” од српскиот град Чичевац  е атракција во самиот поим и основа, затоа што него го сочинуваат таткото, Симо Тегелтија и двајцата синови, рокери – Илија Тегелтија (постариот) и Петар Тегелтија (помладиот син), кои во сабота на 14 јуни ќе свират на „Беарс Мото рок фест 2025“ во Куманово.

„Riff“, ќе се појават како втори од четирите групи – изведувачи таа вечер, а она што е познато за овој фестивал (кој почнува ден пред тоа), е дека нуди бесплатно концертно задоволство, за сите посетители на Аџитепе.

 

И вие сте едни од гостите кои со нетрпение ги очекуваат на сцена. Од што ќе е составен вашиот репертоар?

– Нашиот репертоар вклучува странски и домашни рок хитови. Ќе се обидеме, како и секогаш, да ѝ пренесеме добра енергија на публиката.

Како се случи да се формира вашиот состав? 

– Јас свирев гитара, а потоа Илија и Петар уште како деца покажаа интерес за музика. Илија почна да учи да свири гитара на 9 години, а Петар тапани на 5 години. Вежбавме дома секој ден, а нашиот прв настап беше во 2013 година во нашето кафуле „Riff“ во Чичевац. Така бендот го зеде името од нашето семејно кафуле.

Дали имате предност пред публиката, бидејќи станува збор за необичен состав од татко и синови?

– Не мислиме дека имаме предност. Но, секако е интересно и кога настапуваме посебно и заедно како семејство.

Вие ги учевте Вашите синови да свират и да ја сакаат рок музиката? Кои се нивни омилени бендови?

– Децата сами покажаа интерес баш за рок музиката. Почнав да го учам Илија да свири гитара кога имаше 9 години. Подоцна самиот се префрли на бас гитара, а Петар е самоук тапанар. Нивните омилени бендови се „Смак“, „Бјесови“, „Pink Floyd“, „The doors“, „System of a down“…

 

Како што вели таткото, или како што велат синовите? Како ги усогласување (генерациските) разлики во рок- погледите? 

– Во нашиот бенд владее демократија. Тројца сме и гласаме кои песни да ги свириме. Секако не ни е тешко да се договориме бидејќи имаме слични музички вкусови.

Каде досега сте свиреле низ Балканот?

– Досега сме свиреле во Куманово, Кавадарци, Охрид, Бања Лука, Софија… И секако низ цела Србија на мото собири, фестивали, кафулиња и клубови. А ова лето сме и во Умаг и Љубљана.

 Колку авторски песни имате снимено? Кој ги пишува песните?

– Досега имаме објавено три песни. Наскоро ќе бидат објавени уште. Сите заедно работиме на музиката, а Илија е текстописец. Моментално работиме на завршување на првиот албум, снимањето песни е во тек.

 Што значи за вас рок музиката? 

– Рок музиката е нашиот живот. Отсекогаш слушаме и странски и домашен рок. Проби, свирки, пишување песни, слушање музика е нашето секојдневие.

 Дали сте моторџии? Сакате моторџиски средби?

– Сите тројца сакаме мотори, мото – релиња и дружење со нашите пријатели „бајкери“. Засега, само Симо вози мотор, но тоа наскоро ќе се промени.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Споделете ја оваа статија