МАРЈАН АФРИКА – „ЛЕКТИРА“: Мојот живот е музика, ако ја нема музиката тогаш не ми треба ни животот!

Уредник
Се чита за 20 минути

Рокенролот знае да биде неодолив и да те обземе за „години сто“, особено ако со него си се запознал уште од најраната младост, но рака на срце, титулата „заколнат рокер“ навистина мора да се одбрани, од оние кои се докажале и на кои не само што им станал „начин на живот“, туку им (о)станало и нешто повеќе од тоа.

Ако во овој контекст го споменеме Марјан Маневски – Африка, работите стануваат појасни, повидливи и попрецизни.

Сестран музичар, кој на секој начин ја брани рок каузата.

„Дипломиран фармацевт, но цел живот рокер“, и самиот ќе рече за себе, полн со креативност што ја реализирал на повеќе страни, како музичар, автор, гитарист, професор по гитара, изработувач на гитари и куфери за инструменти, сликар, поет, креатор.

Згора на тоа и колекционер во рок манир, со над 25 гитари, 11 чизми чифта чизми каубојки, 15 кожни јакни, над 30 патики. Импресивно!

 

Со рок од „а до ш“, во секој период од животот. Тоа е голема посветеност. Како научивте да свирите?

– Јас сум самоук гитарист, а од седум години сум учел хармоника во основно музичко училиште „Панче Пешев“. Тогаш беа актуелни песни од фестивалите Сан Ремо, Евровизија и ќе седнам на клавир и ќе ги свирам. Така почнав. А, од свои 14 години сум свирел на игранки во Куманово, со кумановски бендови. Во нивна чест јас направив и ставив на Јутјуб 12 видеа. Собрав фотографии од сите тие групи кој јас одев да ги слушав и кои ми биле идоли како дете. Ги повикав кај мене дома, бидејќи имам и home студио за снимање, да снимиме наново, бидејќи тогаш во шеесеттите и седумдесеттите, беше невозможно да снимиш во Македонска телевизија и тие луѓе затоа и немаат снимки. Но никој од нив не дојде. Па јас ги оствирев како инструментали песните кои биле популарни во тоа време и монтирани со фотографии од групите, ги ставив на Јутјуб, за да остане за спомен.

За кои групи зборуваме? 

– Прво се „Ривали“, „Глечери“, па „Алијанса“, група „Нај“, потоа доаѓаат „Гимназијалец“, кои потоа беа „Тумба“, па мојата група „Ку“… И, некаде веќе од 1976 година јас не ги следам, одам во Белград на студии, во свет каде што навистина се свири музика. Јас отидов во „Дом омладине“ кое беше свратилиште на рокери, тука беше „Зана“, тука беше „Рибља чорба“, тука беше „Музеј Сарван“, „Булевар“ со Дејан Цукиќ, група „Горди“ со Златко Манојловиќ, кремот… Знам кога Бора ја формира „Рибља Чорба“, Бора беше преубав човек, еден висок, „Зана“ од нас земаа инструменти, беа млади и немаа свои… И, јас со мојата група тука правевме проби. Бидејќи Домот на Младите навистина беше на младите и ние имавме по три часа проби со огромно озвучување. Тогаш свирев во една група, „Дезерт“. Пејачот доаѓа со куфер со четири микрофони. Во точно време те зема комбе, те носи на настап некаде низ Војводина, во Војводина имаше сали и беше мека за рок концерти… Голем професионализам. Последна група на студии ми беше позната група „Викторија“, која ги испеа хитовите „Дај не питај“, „Рат и мир“. Со нив почнав да пробам, јас и Аца Лукас, Аца клавијатурист, јас басист. Меѓутоа, последниот испит го полагам во мај и дипломирам и праќам телеграма во Медицински центар во Куманово, од каде бев стипендист и добив одговор „Утре веднаш да дојдеш на работа“ и така заврши мојата белградска авантура со музиката.

Каде ги сретнавте „Викторија“, како станавте дел од таа приказна?

– Се пријавив на оглас. Во Домот на Младите се даваа огласи „таа и таа група бара басист, се бара тапанар…“, такви огласи имаше и во списанието „Политика“, така што, така функционираше тогаш.

По враќањето во Куманово формиравте своја група?

– По враќањето свирев со „Ку група“, победивме и на „Кумановската гитаријата“. Меѓутоа тогаш дојде бранот на народњачката свадбарска музика и сите мои другари рокери се преориентираа, „Знаеш, нема пари во рок музиката, ајде да пробаме со свадби“ и јас тогаш се преориентирав на изработка на музички инструменти. Произведував гитари и куфери за музички инструменти од дрво, првата изработка беше во 1984 година. Јас дури и го измислив куферот во бивша Ју, по проспекти што ги видов. Она што го видов во Белград не можев да го пресликам овде, народот отиде во народна музика, а јас сум рокер. Јас сум „Ричи Блекмор“ (гитаристот на „Deep purple“), кога ќе фатам гитара јас свирам риф, не можам да свирам друго, разбирате? Дадо Топиќ има еден албум „Живот у чизмама са високом петом“, тоа се каубојките. А јас не само што бев рокер во душа, бев и во имиџ. Така и се облекував. Имам 11 чифта каубојски чизми во сите бои, сега веќе ги спакував и ги фотографирав и направив една јутјуб приказна за каубојската мода, бидејќи во наше време рокерската и каубојската мода беа едно. Фармерки, карирана кошула, имам 14 -15 рокерски јакни…Сакам да ви кажам, бев од тој рокерски свет и не чувствував дека треба да свирам на свадба.

На кој начин понатаму ја одржувате силната врска со музиката?

– Имав свое студио и дваесет години училиште за гитара „Лектира“, секој што држи гитара во Куманово помина кај мене. Во тоа училиште целта беше учениците да научат да свират и да се дружат меѓу себе, бидејќи имав просторија која им ја давав да вежбаат. Зошто нема просторија сега дури ни во Културниот дом во Куманово? Нема просторија каде ќе се каже „Еве два часа таа група ќе има проба“ или средните училишта сите имаат некои подрумски простории и може да ги отстапат. Се изгубија децата, ги изгубивме младите и затоа ни заминуваат во странство. Јас веќе ја продадов мојата куќа која беше од родителите, во која имав студио и просторија која ја давав да се одржуваат проби. Во мојата куќа цел живот се свирело.

На која возраст се Вашите ученици?

– Тие главно почнуваат штом ќе почнат средно училиште, а и порано. И ги учам само рок музика на мој начин, не класика со нотно писмо. Нотите се многу тешка работа, нотите се учат со години, па се оди во нижо, основно и во средно музичко училиште за тоа и додека отидат на факултет, тие се откажуваат од музика. Бидејќи,, девојчето кога ќе дојде, неа Адел, Тејлор Свифт или Бијонсе ѝ е идол и сака веднаш нив да ги пее. Кај мене доаѓа и уште првиот час ја прашувам „Која песна ја сакаш од Адел?“. „Set fire to the rain“. „Ајде! Со неа почнуваме“ и девојчето веднаш влегува во светот што го сака. Или машко, ќе седне на тапан и сака веднаш да свири. Имаше едно дете кое вели: „Професоре, јас таа песна сум ја слушал на Јутјуб илјади пати, сѐ знам како се удира, но не знам што е добош, што е тимпан, што е чинела“… И сега, тие ме нарекуваат професор, но јас сум всушност демистификатор на инструменти.

Вашата сегашна група, како и музичкото училиште и истоименото студио, го понесе името „Лектира“.

– Во групата „Лектира“ јас свирам со мои ученици. Со еден ученик од 2011 година три години свиревме во кафулиња по Куманово, само рок и екс Ју бидејќи, бидејќи тој не сакаше да пее на англиски. Одиме со гитари, седнуваме на шанкерески столчиња само ќе се погледнеме и почнуваме. Нема нарачки. Фантастично. Тоа не можам да го повторам со никого. Потоа се проширивме и станавме бенд и сега во него сме јас на електрична гитара, Методија Стојановски вокал и клавијатури, Стојанче Ѓеорѓиевски на тапани и Кристијан Николиќ на бас гитара. Е, сега го анимираме да се врати и првиот пејач, но бидејќи има мали дечиња и добар адвокат е, има обврски. Со него свиревме до 2013 година, потоа нагло почна народната.

Трендовите се менуваат …

– Јас не сум против фолк музиката, но не е соодветна за одредени ресторани. Ние свириме од Балашевиќ, „Гарави сокак“, „Прљаво казалиште“, „Плави оркестар“, „Бијело дугме“, Здравко Чолиќ значи „питка“ музика… Сакам да кажам, во клубовите и кафулињата се измеша музиката несоодветно, но рокенролот не смее да умре. Во деведесеттите години замина рокот од прво место, дојдоа нови стилови… Некои рокери и сега свират, но се стари, Deep purple, Led Zeppelin, Iron Maiden, Metallica, Uriah Heep. Јас сум бил на концерти на некои од нив во Белград, сум ги гледал Iron Maidden во 1977 година кога биле во полна сила…

Ако „Викторија“ става најсилен печат на Вашата рок лична карта, „Ку група“ дава најголема содржина, нели?

– Јас се сеќавам се тресев кога прв пат ме викнаа во „Ку група“, а тие веќе беа етаблирани музичари повозрасни од мене три – четири години. Јас и пејачот бевме иста генерација. Тие нѐ викаат да свириме со нив, нам не ни било јасно дека тие бараат млада сила која симнува песни, нов репертоар, се заситиле од својот репертоар. А јас тогаш знаев 1000 – 2000 песни, да свирам 20 – 30 без прекин, а да не повторам песна. Популарни беа „Индекси“, Кичо Слабинац, „Про-арте“, „Корни група“, потоа дојде „Тајм“ и ние песната излегува денес веднаш ја симнуваме следниот ден веќе ја свириме. Сѐ свежа музика сме свиреле. Многу сме настапувале по паркови, по излетнички места. Секаде носевме гитара. Мојата гитара беше полна со песок од плажи од Бугарија, од Суто море, Макарска …

Минатата година со „Лектира“ настапивте на „Мото фест“, вечерва, 13 јуни, ќе настапите по втор пат, воедно вие и ќе го отворите фестивалот. Штом повторно ве поканиле, значи нешто има.

– Ние бевме единствени што пеевме на македонски јазик и изведовме своја авторска музика. Тоа е многу убава организација, беше беспрекорно и озвучувањето, верувам така ќе биде и оваа. Почнуваме некаде кај 19.30, стандардно со нашата музика. Ние сме многу атрактивни како бенд.

Можам да забележам колку сте горд на своето авторство. Од кога датира Вашата авторска музика?

– Цел живот компонирам, првите песни ги направив уште кога сум имал 14 -15 години и на првата гитаријата на која учествувавме со групата „Ку“, во 1975/6, победивме, со „Кумановски рок“, која беше моја песна. Не снимивме албум. Тогаш тоа беше недостапно, веќе реков, дури и сиромашно со инструменти. Јас сум свирел на позајмени инструменти. Сега достапни се и студијата. Порано не можевме да припариме во студијата на МТВ. Сега сѐ имаш на интернет. Порано ти требаше плоча, за да ја симнеш песната, треба да ја купиш најмалку 20 -30 евра во денешна вредност, па треба да ја враќаш рачно и тогаш ќе ја изгребеш слушајќи, а таа е носечка на албумот. Ако позајмиш од некого ќе те праша каков грамофон имаш, а малку беа оние квалитетните со потенки игли и не ти ја дава плочата, а како да ја научиш песната? Јас кога ги симнував песните од радиото емисијата „Три гонга“ со култниот водител Ѓоко Георгиев на масата ќе отворам 10 тетратки за да запишувам текстови. Англиски, со македонска транскрипција. Кој знаеше англиски тогаш, сега сите знаат не можеш да импровизираш. Имав и многу песнарки и ги давав и на други музичари, еден другар ми има вратено песнарка по 33 години…

Кој е најдрагоцениот совет што им го давате на учениците?

– „Направи и најлоша песна, ама твоја да биде“, им велам. Ги учам на авторство. Светот има потреба од нови хитови. Вие сега имате врвни изведувачи, но не се стремат кон компонирање. Се претерува со техниката, а ја нема мелодијата. Јас им велам на младите да творат. И им давам шанса, која треба да ја искористат. Кога почнавме да го прошируваме дуото, моите ученици доаѓаа, ќе сакаат да отсвират нешто како гости, да пеат со нас. Во 2019 година се обнови гитаријата во Куманово и тогаш ние настапивме како „Лектира“, во еден состав јас и 45 години помлади од мене музичари, ама тоа е – шанса да им дадеш! Се случувале доста персонални промени, младите заминуваат и во странство. Тие персонални промени се најтешка работа, пак мора сѐ преку мене да помине, да го подготвам, како свири што да свири… Тоа се сепак аматери деца не се професионалци. Сега сме супер состав. Има еден мој 15 годишен ученик кој свири одлично. Му реков да ја подготви „Smells like teen spirit“ за да настапи со нас вечерва, но не се јави. Јас ги учам моите ученици и како да се однесуваат на сцена. Значи ти си гитарист и пејач си и фронтмен, ти треба да ја анимираш публиката, не е само да пееш како робот, или да свириш. Миг Џегер од „Rolling stones“ има бина 70 метри или Аксл Роус од „Guns and roses“ и „шпарта“ на бината натаму наваму. Тие луѓе треба да ги анимираш, не дошле да слушаат ЦД, сакаат настап…

Која е Вашата цел како бенд?

– Да одиме само на фестивали со авторска музика.

Што ќе свирите овој пат?

– Настапуваме само со наша музика, а ќе свириме и една моја омилена песна „Stargazer“ од група „Rainbow“ за да ги поздравиме моторџиите што ќе дојдат од другите земји. Планирам, како и минатиот пат, да свирам на гитара Lead star Stratocaster, како онаа на Ричи Блекмор, направена во Источна Германија во 1975 година, уште пред паѓањето на Берлинскиот ѕид. Инаку на настапи секогаш си носам три гитари и одбирам со која ќе свирам, бидејќи имам преку 25.

А Вашите гитари на кого им ги давате?

– Сите мои тројца синови научија да свират, но не се занимаваат со музика. Сите имаат мои гитари, а неодамна кога беше венчавката на најстариот син во Белград, на снаата, која е Германка и исто како и син ми доктор на науки по фармација и работаат во фабриката „Рош“ во Швајцарија, ѝ подарив гитара моја изработка. Сопругата ми вели „Што ќе ѝ е, не знае да свири“. Гитара може да научи секој да свири, само ако сака. Нема мистрификација. Веќе реков, ние сме учеле и сме научиле и кога немаше гитари, па така тоа ме мотивираше и јас почнав да изработувам гитари, а по мене и познатиот изработувач Бранко Радуловиќ, кој како машински инжињер, попоткован, направи навистина врвни гитари.

Друго што работите?

– Ангажиран сум во многу области. Имам еден проект со моја авторска тамбурашка музика. Цел живот сакам добар пишан збор, а и самиот пишувам поезија, па така на интернет создадов 70 страници со поезија од светски поети и со македонски песни, од Жак Превер до Силвија Плат, од „Твојте очи Лено“ до „Нели ти стига мојата младост“ од славниот скопјанец Тефо. На нив имам снимено инструментал и наместо пеење ја рецитирам песната, ако е песна, или поезијата ако се стихови. Потоа, цртам убаво, цртам точки со перодршка, поинтилизам. Правам кумановски приказни за заслужни Кумановчани, досега имам некаде 18, направив и две за гитаријадитр… Бидејќи сум аполитчен не барам спонзори и поддршка од ниедна партија, инаку по мојата песна „Неотседлан“ и себе си се нарекувам „неотседлан“, значи никој не може да управува со мојот живот. Мојот живот е музика, ако ја нема музиката тогаш не ми ни треба ни животот! А политиката уништи сѐ каде што влезе, музика и спорт. Јас паметам едно романтично време во Белград кога свирев, имаше наплив на музика, добра музика, многу книги (дома имавме близу 5 – 6.000), многу филмови се снимија, спорот напредуваше. Треба и ние да направиме повторно промени и да им дадеме шанси на младите.

Од македонската музика нешто Ви се допаѓа?

– Како не? Да кажеме „Меморија“ добри песни направи, „Конкорд“, на кои многу им е јак гитаристот Венко Серафимов, уште од време сум ги сакал „Триангл“ гитаристот им беше многу добар, Јаблан, Тодор Василев, исто и Кокан Пандиловски, „Леб и сол“ додека свиреа џез рок…

Да позборуваме уште малку за „Лектира“. Која е Вашата најсилна страна?

– Најсилната страна ни е пејачот и јас како композитор, ние сме најистурени членови на сцена. Мислам дека имаме многу добри песни. Ни треба само некоја продукција да нѐ земе под свое. И ни треба уште еден млад музичар. Неодамна запознав едно 17 годишно момче, Албанец, син на мој пријател, сам научил да свири гитара, кога го слушнав што да ви кажам. Ќе го земеме со нас за следниот настап кој ни е закажан за во Скопје. Продолжуваме. Од рокенролот нема откажување.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Портрети: Далибор Стефановски Дачо

 

 

Споделете ја оваа статија