ЕКСКЛУЗИВНО: „The Hooten Hallers“ му даваат интерконтинентален предзнак на „Беарс мото фест“

Уредник
Се чита за 6 минути

Малку посилни децибели ќе одекнаа овој петок во Куманово, со учеството на американскиот бенд „The Hooten Hallers“ на моторџискиот „Беарс рок фест 2025“.

Зборното место е спортскиот аеродром Аџитепе, некаде пред 22 часот, на сцената на која пред нив ќе настапат македонските бендови „Лектира“ и „Паркети“ а по нив „The solution“.

– Многу сме возбудени за фестивалот и што доаѓаме во Македонија за прв пат. Сè уште не сме го напишале нашиот список со песни кои ќе ги отсвириме, бидејќи имаме тенденција да го менуваме од вечер во вечер, но извесно е дека ќе свириме неколку песни од нашата нова научно-фантастична рок опера „The Devil’s Egg“ и многу песни од нашите претходни албуми, но и од нашиот претстоен албум, во ексклузивната изјава за “Плоштад” најавуваат гостите од Америка, поточно нивната саксофонистка Кели Еверет.

– Нашиот најголем предизвик што сме во Македонија за прв пат и ќе се обидеме да доживееме што е можно повеќе од земјата, културата и луѓето во тој наш дводневен престој. Возбудливо е за нас да настапуваме во земја што не сме ја посетиле претходно и со нетрпение очекуваме да стекнеме нови пријатели и да пробаме нова храна, вели Кели, која исто така нѐ информира за нивната понатамошна концертна маршута:

– По фестивалот „Беарс мото рок фест“, ќе одржиме два концерти во Германија, а потоа ќе свириме и во Австрија, Словенија, Хрватска и Србија!

Задоволството е големо и кај организаторот Мото клуб „Мечки“, во чие име заменик претседателот на мото клубот и ПР менаџер Столе Јакимовски Џо, нѐ информира:

– За  прв пат на фестивалот има бенд од Америка, кој е на турнеја низ Европа но ете настапува и на нашиот „Мото фест“. За нив дознавме преку одредени медиуми и преку одредени менаџери кои што се нивни застапници за Европа и за овој дел на светот. Ни дадоа опција да избереме од седум, осум бендови, кои што доаѓаат од Америка и имаат добра комуникација со добар менаџер за Европа, ние буквално ги преслушавме сите, ги гледавме, баравме и ги одбравме „The Hooten Hallers“. Тие најмногу ни се вклопуваат во нашата фестивалска програма. Свират блуз и тоа е музика која оди во паралела со „бајкери“, со „бајкество“ и со мотори, а и многу добро звучат!

Една од причините плус за изборот е, што имаат авторска музика, што се авторски бенд и тоа им дало дополнителна предност во очите на организаторите.

– Друга позитивна страна е што веќе се на нивната турнеја, затоа што едно доаѓање на бендот од Америка специјално за овој настап е екстремно скапо, со оглед на тоа дека фестивалот е без наплата на билети. Навистина многу добро звучат, за првиот пат доаѓаат во Македонија и гледам дека се доста ентузијастички расположени, нагласува Јакимовски.

За нивниот престој, вели, добро ќе се погрижат:

– Првично ќе имаме луѓе кои што ќе ги пречекаат на аеродром. За нив имаме обезбедено добро хотелско сместување и друштво со луѓе искусни и во новинарство и во музика кои ќе им се посветат. Дел од нашата екипа ќе се посвети на нив, ќе ги прошетаме во кумановската околија каде има што интересно да видат. Ќе се дружиме овие два дена, за малку заедно да ја научат и нашата култура…

Во однос на тоа дали сега веќе се посамоуверени во својата организација бидејќи имаат бенд од пошироки простори, што ќе му даде димензија на фестивалот референца дека расте, одговорот и тоа како е потврден.

– Тоа ни е целта. Пред сѐ сакаме фестивалот да расте. Самиот фестивал веќе со години е интернационален, меѓутоа досега сме се позиционирале во таа балканска приказна. Овој пат решивме да го кренеме на повисоко ниво, затоа што веќе долги години како го организираме, добар дел од бендовите од Балкан кои што се интересни за нас ги имаме веќе покането. Сега почувствуваме идеален момент да го отвориме фестивалот да биде и интерконтинентален, не само интернационален и затоа почнавме соработка со вакви светски бендови. За наредната година најверојатно ќе имаме поголема бројка на бендови од Америка, со кои почнуваме да контактираме веднаш по завршување на овој фестивал, е со јасен план организаторот.

На 13 и 14 јуни 2025 година на Аџитепе „Беар мото рок фест“, а на првата вечер премиерно и американската група која не треба да ја пропуштајте доколку имате шанса да одите на нивниот концерт, „The Hooten Hallers“ од Колумбија.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

„Хутен Халерс“ се американски блуз и рокенрол бенд формиран во Колумбија, Мисури, во 2007 година.Свират блуз, рок, roots музика.

 

Членови:

– Џон Рандал (гитара, слајд гитара, вокал, член од 2007),

– Енди Рем (тапани, вокал, член од 2007),

– Кели Еверет (баритон саксофон, бас саксофон, вокал, член од 2014),

– Поранешен член Пол Вебер (хармоника, туба, 2013 – 2014).

 

Дискографија: 

– We Have Friends (2007)

– The Epic Battle of Good and Evil (2009)

– Meld Minds (2009)

– Live At Widows Peak (2010)

– Live in Austin at the Legendary White Swan (2012)

– Greetings From Welp City! (2012)

– War With Hell/ Missouri Boy b/w Holy Moses (2012)

– Chillicothe Fireball (2014)

– Mountain of Pain (2016)

– The Hooten Hallers (2017)

– Live in Missouri (2018)

– Back In Business Again (2022)

– The Devil’s Egg (2024)

 

http://www.thehootenhallers.com

 

Споделете ја оваа статија